Откако тажната вест за смртта на украинскиот ТВ водител и актер Паша Ли го обиколи светот минатата недела, сега е откриено дека 33-годишникот загинал во војната откако му го дал својот панцир на дете, пишува Унилад.
Олександра Матвичук, шеф на украинскиот Центар за граѓански слободи, во неделата објави дека телото на Ли било пронајдено во Ирпин, каде што бил убиен додека помагал во евакуацијата на градот.
Таа сподели и фотографија од актерот, направена набргу откако тој им се приклучил на украинските вооружени сили, на која е прикажан во униформа како седи покрај германски овчар.
Ли беше активен на Инстаграм и често споделуваше фотографии од бојното поле со своите следбеници, а последен пат зборуваше два дена пред неговата смрт.
„Во последните 48 часа, имавме шанса да седнеме и да се фотографираме додека не бомбардираат… Но, се смееме затоа што ќе успееме, ќе се браниме. .. Да се обединиме!“ напиша актерот.
Инаку, во 2017 година, Ли го сними спортскиот акционен филм The Fight Rules. Ги синхронизираше и филмовите „Кралот лав“ и „Хобит“. Еден од неговите последни проекти беше ТВ-драмата Provincial од 2021 година.