Принцот Хари и Меган Маркл повеќе не смеа да ги користат титулите „високо кралско височество“, нема да добиваат државни пари како досега за нивните кралски должности, соопштија синоќа од Бекингемската палата.
Тие, на нивно барање, ќе ги вратат и парите кои ги добија за реновирање на нивната куќа која сепак, ќе остане нивен дом. Станува збор за сума од 2,4 милиони фунти (3,1 милион долари).
Во соопштението од Бекингемската палата се наведува дека Хари и Меган повеќе нема да може официјално да ја претставуваат кралицата, но двојката јасно ставила до знаење дека во нивните идни активности ќе бидат во духот на вредностите на Нејзиното височество.
Покрај ова соопштение, објавена е изјава на кралицата Елизабета Втора во која таа вели дека е задоволна што на конструктивен начин успеале да се договорат за патот по кој ќе продолжи нејзиниот внук Хари со неговото семејство.
„Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството. Ги препознавам предизвиците со кои се соочија изминатите две години и ја поддржувам нивната желба за понезависен живот. Сакам да им се заблагодарам за сета нивна посветена работа низ целата земја, Комонвелтот и пошироко, а посебно сум горда на тоа што Меган толку бргу стана дел од семејството. Се надевам дека со договорот кој го постигнавме им овозможува да започнат да градат мирен и среќен нов живот“, вели кралицата Елизабета Втора.