Две патнички во авион се обвинети за „нескротливо однесување“ и ги добија највисоките казни досега предложени од американската Администрација за воздушен сообраќај, објави Би-Би-Си.
Петцифрените казни за две патнички обвинети за насилство се дел од казните од два милиони долари изречени оваа година.
Од почетокот на 2021 година, американските авиокомпании забележале рекорден број патници кои ги попречуваат летовите и многу инциденти кои вклучуваат одбивање да носат заштитна маска.
Казните вчера ги објави министерот за транспорт Пит Бутиџиг.
„Ако сте во авион, не се однесувајте како кретен и не ги загрозувајте екипажот на летот и патниците“, рече тој во гостувањето на The View на ABC. „Ако го направите тоа, ФАА ќе ве казни“, додаде тој.
Во еден инцидент, патничка на Американ Ерлајнс која летала од Тексас за Северна Каролина морала да плати казна од 81.950 долари за закана дека ќе ја повреди стјуардесата. Стјуардесата ѝ понудила помош на патничката откако паднала во преминот на авионот.
Неименуваната патничка тогаш наводно ја турнала вработената во авиокомпанијата и се обидела да ја отвори вратата од авионот. Додека стјуардесите се обидувале да ја задржат, таа удрила еден член на персоналот неколку пати по главата.
Кога била врзани со лисици, таа „плукала, ја удрила главата, гризела и се обидувала да ги клоца членовите на екипажот и другите патници“, се вели во соопштението на ФАА.
Во друг инцидент, патничка летала на „Делта ерлајнс“ од Лас Вегас до Атланта. Таа, наводно, се обидела „да го прегрне и бакне патникот што седел до неа, отишла на предниот дел од авионот за да се обиде да излезе за време на летот, одбила да се врати на своето место и неколку пати каснала друг патник“, се вели во соопштението.
Таа патничка, кој исто така е неименувана, била физички задржана од членовите на екипажот и сега треба да плати казна од 77.272 долари.
Ниту еден од двата инциденти не вклучувал непочитување на мерките за заштита од Ковид.
ФАА објави политика на „нулта толеранција“ кон бесните патници во јануари 2021 година и оттогаш наплатиле казни од околу 7 милиони американски долари.
Имало 7.060 инциденти на изливи на гнев и велат дека околу 70 отсто отпаѓаат на правилото за заштитна маска. Но, стапката на инциденти сега е намалена за 60 отсто по минатогодишниот максимум.