Македонската фудбалска репрезентација ќе игра на Европското првенство со стариот црвено-жолт дрес. „Фудбалот се игра за фановите“, објави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, на социјалните мрежи.
Потоа во својата објава пишува „Одиме на Европско, напред Македонија“, а во сликата и стариот македонски дрес, со црвената боја и жолтото сонце.
Претходно, повеќе од 13.400 луѓе се потпишаа на онлајн петицијата со која се бара повлекување на новите дресови на македонската фудбалска репрезентација. Петицијата насловена „Македонија на ЕП во старите дресови!“ осамна на интернет откако Фудбалската федерација на Македонија ги претстави новите дресови за дебитантскиот настап на македонските фудбалери на ЕП 2020, предизвикувајќи поделени реакции во јавноста.
Капитенот Горан Пандев исто така се огласи со објава во која го држи црвениот дрес со сонце, свој коментар имаше и најдобрата наша фудбалерка Наташа Андонова.