Доаѓањето на Талибанците значи крај за женскиот фудбал, а припадничките на понежниот пол во оваа земја ќе мора да се прилагодат на тамошните шеријатски закони, меѓу кои може да се шетаат само со придружба од машко лице, не смее да ги откриваат лицата…
Женскиот спорт во Авганистан беше начин за да се крене свеста за да се изборат припадничките на понежниот пол за рамноправност со мажите, ама сето тоа сега исчезнува со доаѓањето на новата талибанска власт, а фудбалерките уплашени не знаат што да направат и каде да се скријат.
Селекторката на женската селекција Калида Попал (34) откако Талибанците почнаа да ги освојуваат сите покраини во земјата пред да влезат во Кабул со денови разговарала со уплашените и расплакани фудбалерки, кои сега стравуваат од одмазда поради нивниот активизам за рамноправност.
„Срцето ми се кине зашто сите овие години работевме тие да станат рамноправни со мажите, рамноправен дел од едно модерно општество, а сега морам да им кажам дека мора да замолчат и да исчезнат. Им реков бришете се од Фејсбук и засолнете се на сигурно. Јас сум свесна дека нивните животи сега се во опасност“, вели Попал.
Селекторката во 1996 година како девојче избега од Авганистан кога Талибанците ја преземаа власта, но беа срушени после интервенцијата на САД и сојузниците за терористичкиот напад во Њујорк на 11 септември 2011 година, откако најголемиот терорист Осама Бин Лабен беше криен во оваа земја. Кога Талибанците ја загубија власта, Попал се врати за да ги промовира правата на жените, ама…
„Мојата генерација се надеваше дека можеме да изградиме држава за новите генерации со рамноправност меѓу мажите и жените. Така јас тргнав да работам со други млади жени, а главната алатка за еманципација беше фудбалот. Бевме многу горди што го носевме националниот дрес, тоа беше неописливо чувство – најубаво! Од 2016 година добивам само смртни закани зашто на фудбалерките им велев да го кренат гласот, а оттогаш сум во Данска која ми даде азил“, додава Попал.
За жал, селекторската сега не може никако да им помогне, зашто Талибанците ја заклучија државата, сите комерцијални летови се укинати, а талибанската милиција патролира низ градовите. Новата власт најави општа амнестија за сите тие што соработувале со западните сили, но правата на жените повторно се враќаат на ниво на среден век.
А, Попал беше најгласна која зборуваше за силувањето на девојките во фудбалската организација, помагајќи им на жртвите да го надминат пеколот од „традицијата“ мажите сексуално да ги злоставуваат жените.