Новосадската група „Фрајле“ по една и пол година дојдоа во Скопје за да го најават големиот концерт на 18 јуни пред платото на МОБ. Тие првпат дојдоа како тројка, оти пред неколку месеци од групата си замина Марија, пејачката поради која пред 13 години настанаа „Фрајле“. Велат, тој период сега е зад нив, па расположени ни открија дека се радуваат на секое ново дружење со публиката.
„Знаете што е ново? Конечно ги фрливме барските столчиња и сега стоиме и играме на настапите. Се случи тоа спонтано, на првиот концерт после короната. Без да се договориме, трите само станавме на истата песна и почнавме да играме. Како сме можеле да седиме до сега не ни е јасно“, раскажуваат за „Репортер“ Наташа, Невена и Јелена.
За Македонија отсекогаш ги врзувале убави спомени. За Јелена и Невена тие се поврзани со пријателите што ги стекнале тука, но и со храната. Кога е во Скопје, Невена не пропушта да отиде до старата чаршија на баклава и да си купи нов шешир, а Јелена вели дека ако не проба тиквички и ајвар, исто како и да не била кај нас. Наташа, пак, Македонија ја потсетува на љубов.
„Имав јас неколку дечковци Македонци, ама имаше еден што баш беше упорен. Го запознав на настап, нормално, каде инаку. Има нешто што многу ме привлекува кај македонските мажи, топли се и мене тоа ми се допаѓа. И не се плашат од мене, иако сум остра и висока“, искрена е таа.
Додека седите покрај нив, не може, а да не ја забележите енергијата и блискоста што ја имаат. Се договараат со поглед, една на друга си ги завршуваат речениците и секогаш се расположени за пеење, па ни ги испеаја „Во коси да ти спијам“ и нивната последна песна “Тамбураши“. Зборувавме и за книгата „Како станав Фрајла“, што Јелена почна да ја пишува среде корона, а од неодамна е во продажба. А во книгата има сè, од нивните почетоци до денес, анегдоти, приказни, емоции.
„Луѓето кога ја читаат мислат дека е измислена, а сè што е напишано таму е вистина. Нам ни велеа нема да успееме, не сме добри, нè одбиваа, ама ние станувавме и се боревме оти имавме цел. Се сеќавам, еднаш последните пари ги дадовме за гориво и за еден сендвич кој го поделивме на четири дела, зашто немавме пари да купиме повеќе. Кога еднаш ќе паднеш на дното, после е лесно да се кренеш. И тоа во штикли“, рече Јелена за „Репортер“. Ни откри и дека во книгата пишува и за бившиот дечко-пилот, со кого мереле кој ќе помине повеќе километри во една недела, тој во авионот или таа во нивниот фрајламобил.
За тоа како е да се одржува љубов на далечина, колку километри поминуваат неделно и како во еден ден настапиле во три држави, но и за концертот на Антички во Охрид, за документарниот филм за „Фрајле“ што тие три го снимија неодамна, за песната што му ја посветија на легендарниот Ѓорѓе Балашевиќ… гледајте го видеото.