Инспириран од сите топ листи што кружат низ веб порталите, топ листи на места во светот кои треба да ги посетите, решив да направам листа на 10 села во Македонија кои треба да ги посетите. Сепак, природата во Македонија е нешто што треба дефинитивно да се види. Сигурно ќе ве чини помалку од едно патување во Италија или Грција, а воедно ќе ги откриете убавините на оваа држава во која што живеете.
1. Јанче
Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од 5 века во Долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истамбул. Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало дека селото го добило името. За селото Јанче е врзана една легенда, која ја отсликува климата во овој дел. Според кажувањата ако во Јанче паѓа снег, паѓа и во Солун. Ова село е опколено со прекрасна природа во која несомнено ќе уживате. Во Јанче има едно интересно катче, хотелот Туто кој нуди услуги по високи стандарди (има и wifi ;-)).
2. Тресонче
Тресонче е едно од најстарите села во Република Македонија. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка река. Во близина на ова село се наоѓа пештерата Алилица, над овој пештерски систем се наоѓаат изворите на Тресонечка река, каде што се наоѓаат 12 водопади. Тресонче е село од каде се родиле и сe уште се раѓаат уметници, зографи, копаничари, свештеници, монаси, сточари, министри.
3. Бегниште
Бегниште е село во општина Кавадарци. Секоја година на 14 јануари на празникот Василица или познат како стара Нова година жителите во селото Бегниште со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Освен за бркање на лошите духови Џоломарите играат и за по-плодна година. Џоломарите се будат во раните утрински часови да се спремат, тие ги облекуваат своите алишта т.н. чулавки го црнат лицето со пепел или жар ги ставаат своите вештачки мустаќи и брада и на крај ги ставаат клопотарците и ѕвонците на својата половина. Тие треба да изгледаат по страшно за по лесно да ги избркаат злите духови. После ова спремање сите тие се упатуваат кон центарот на селото. Истото утро секоја домаќинка меси баник со што ги дарува Џоломарите за здравје во нивната куќа. Паганските обичаи кои се практикуваат и ден денес се многу ретки, затоа ви препорачувам да одите во Бегниште и да доживеете уникатно и несекојдневно искуство во друштво на Џоломарите.
4. Брајчино
Селото Брајчино е планинско село вовлечено во долот на Брајчинска река и е на надморска височина од 1000 метри. На почетокот на ХХ век за време на славното Илинденското востание во 1903 година, во знак на одмазда турската војска и башибозук ги изгореле Брајчино и Љубојно при што во Брајчино останале неизгорени само 2 цркви. Еколошкиот туризам е веќе во подем во ова село, од шест часовна прошетка до Големо езеро во националниот парк Пелистер до посета на музејот во Подмочани (во кој ја има најмногубројната колекција на народни носии).
5. Слепче
Слепче е сместено на 2 км северно од општинскиот центар Демир Хисар. Над селото се наоѓа еден од најголемите средновековни книжевно – уметнички центри – Слепчанскиот манастир посветен на Свети Јован Претеча. Доколку се решите да одите во Слепче, може да се напиете по едно кафе со славниот македонски актер Игор Џамбазов кој престојува во куќата на баба Маца. Туристичката понуда на Слепче не би била комплетна без гостилницата Вила Горна Куќа, која е во прекрасен амбиент со поглед кон манастирот. Тука ќе може да ги вкусите традиционалните јадења кои се типични за Слепче.
6. Долно Дупени
Долно Дупени е село во општина Ресен. Туризмот е во постојан развој и раст поради близината на Преспанското езеро, на кое се наоѓа познатата многу посетена и модерно уредена плажа „Дупени Бич“. Жителите ја нарекуваат и „плажа на вљубените“ која е опремена со сламени чадори, дрвени маси и столчиња и терен за одбојка, а од кафулето може да се гледа прекрасното зајдисонце. Во месноста Маркова Нога непосредно до селото се наоѓаат и повеќе услужни објекти како ресторани, авто-камп и ноќевалишта.
7. Гари
Бисер на мијачкиот крај во околината на градот Дебар. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава. Гласната и моќна Гарска река може да ја слушнете од секој дел на селото. Гари е опкружено со бачила кои токму на старински начин го прават сирењето. Ако пак стигнете шетајќи се до едно од бачилата, кои се високо во планините, тамошните мајстори ќе ви дадат и леб печен под сач и сирење и овчо млеко. Од Гари потекнува познатата тајфа на копаничари предводени од Петре Филиповски- Гарката. Меѓу позначајни ракотворби на оваа тајфа резбари се иконостасите во манастирот „Св. Јован Бигорски“ и црквата „Св. Спас“ во Скопје.
8. Витолиште
Витолиште е Мариовско село, Витолиште има бројни културно – историски споменици, цркви и манастири богати со фрески и богата културна традиција. Посебно место завзема спомен плочата на родната куќа на писателот Стале Попов. Дефинитивно ако се одлучите да го посетите ова село ќе се запознаете со голем дел од македонското културно наследство.
9. Богомила
Богомила е село во општина Чашка, во околината на градот Велес. Таа заедно со уште 12 села сместени по текот на реката Бабуна ја претставува областа Азот. Името на оваа област, потекнува од турскиот збор асии што значи непокорлив. За традицијата и културното наследство сведочи Ѕидан мост, мост на влезот во Богомила кој потекнува од римскиот период. Се верува дека ова село е родното место на поп Богомил, водач на богомилското учење и антифеудално и антицрковно движење. Селото било административно седиште на поранешната општина Богомила, која била укината во 2004 и припоена кон општина Чашка.Со самата местоположба ова село ви дава можност да уживате во пространите шуми и мирисните ливади.
10. Зрзе
Зрзе e село во општина Долнени, во околината на градот Прилеп. Легендата за потеклото на името на Зрзе, доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото Зрзе го добива името. Големата бигорна карпа која како брош се прикачила на доломитските, мермерни и гнајсеви карпи со својот лик буди воздишки. Оваа карпа во времето на св.Климент Охридски во втората половина на IX ти век ја населиле монаси. Над древната монашка наслеба на хоризонталното плато, се наоѓа манастирот Св. Преображение Христово. Денес во мастирот престојува монашко братство кое како и добрите зрзевски домаќини секогаш ќе ве пречекаат срдечно со кафе, благо и домашна ракија, што ќе ви дојде како поткрепа за изгубената енергија искачувајќи се до манастирот.