Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставила кривични пријави против поранешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев, директорот на ЈП „Стипион 2011“ И.И и Р.Г во својство на управител на правниот субјект „Коле транс“.
„Пријавениот И.З. во својство на градоначалник на Општина Штип во текот на 2016 година ја злоупотребил својата службена должност и овластување, на начин што спротивно на Законот за јавни набавки и спротивно на Решението издадено од Министерство за животна средина и просторно планирање, без да објави повик за јавна набавка за чистење на речното корито на реката Брегалница, на предлог на Советот на Општината, иако знаел дека ЈП „Стипион“ 2011 нема капацитети за вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите на површинските водни тела, донел одлука за сметка на општината како корисник на дозволата, јавното претпријатие да изврши регулација и уредување на речното корито кај Софилари, а неискористениот речен материјал јавното претпријатие да го искористи за редовно и зимско одржување на локалните патишта и улици“, се вели во соопштението.