Ракометарот Филип Талески е еден од најзаслужните што Македонија догодина во јануари осми пат ќе игра на Светското првенство. Вели, уште кога репрезентацијата почнала со подготовките за баражот со Чешка, знаел дека ни овој пат нема да потфрлат.
Уште посилен мотив им била и атмосферата во „Борис Трајковски“, кога после долго време 7000 фанови ги бодреа од трибините.
„И сега кога ќе се сетам се ежам од атмосферата. Кога излеговме да се загрееме и видовме дека повеќе од пола сала е полна, знаевме дека нè чека навивање како во најдобрите денови пред короната. Јас знаев дека ќе дојде момент кога некој ќе треба да го реши натпреварот со Чешка. Се чувствував сигурен во себе и кога селекторот свика тајм-аут пред крај на мечот, му кажав: ‘Стави ме во напад, ќе дадам гол’. Лазаров ме погледна малку чудно, ама ми даде шанса и јас погодив. Во следниот напад се изборивме за пенал, и ете, пак ќе одиме на Мундијалот“, рече Талески за „Репортер“.
Иако низ годините постојано постигнува успеси, јавноста повеќе му ги памти грешките, па Филип за себе сè уште верува дека е еден од најомразените ракометари во Македонија. Одамна не чита коментари и не враќа на навредливите пораки. Им забранил и на најблиските преку социјалните мрежи да се расправаат со хејтерите.
„Откога се тргнав од социјалните мрежи, главата ми е помирна и фокусиран сум само на семејството и кариерата. Фејсбук немам, само Инстаграм, а тие што ми пишуваа таму, веќе ги нема“, искрен е Талески.
Со Филип разговаравме во салата „Јане Сандански“, каде што секојдневно тренира со „Вардар“. Во клубот има многу пријатели, но најблизок е со голманот Мартин Томовски и со Марко Мишевски, кој дојде да му прави друштво за интервјуто. „Ние тројца сме како петок, сабота и недела, секаде сме заедно“, ни кажа Талески. Ни раскажаа каде излегуваат, какви се приватно и како слават во соблекувалната по некоја голема победа.
И покрај страста за ракомет, семејството му е на прво место. Со сопругата Ена се запознале во Германија и вели, тоа била љубов на прв поглед. Сега ја имаат ќерката Софија.
„Ена е поранешна ракометарка, па поинаку од другите ја гледа мојата игра. Таа ми е и најголема поддршка и најголем критичар. Но, се разбираме за сè, а блиска е и со мојата мајка. Иако викаат дека снаа и свекрва не се сакаат многу, со нив тоа не е случај и постојано си помагаат една на друга. Јас сум голем гурман, имам неколку омилени јадења и ја научив Ена како да ги готви, па сега ги спрема подобро од мене“, ни кажа Филип.
Тука се и муабетите за Крушево, од бабите што често ги посетува, до тоа дека бил вицешампион во скијање во Македонија. Но и за тоа колку му траела фудбалската кариера пред да почне со ракометот, за семејството и свадбата за која што гостите од Германија сè уште раскажуваат… гледајте го видеото.