Министерот за здравство Венко Филипче утринава разговарал со трите медицински сестри од Инфективна кој вчера поднесоа откази од работните места.
“Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници“ напиша Филипче на Фејсбук.
Инаку, главната медицинска сестра на скопската Инфективна клиника, Зорица Љубичиќ Митиќ, и уште две нејзини колешки вчера дадоа отказ од работното место.
Таа во писмото наведува дека причините за да ја напушти Клиниката се многубројни.
„Причините за да ја напуштам Клиниката по 28 години професионална посветеност се многубројни, но би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважните алки во медицинскиот тим,“ се вели во отказното писмо упатено до раководството на Инфективна.