“ Рано е сеуште да кажеме што ќе биде после празникот, уште ги анализираме бројките. Овие денови ќе имаме прес конференција со епидемиолозите. Ќе ги анализираме податоците. По таа детална анализа и направени сметки ќе одлучиме што панатаму. Многу се важни бројки од викендов што доаѓа. Сега засега полицискиот час останува на сила“, одговори министерот Венко Филипче на новинарскато прашање дали ова е последен викенд со полициски час.
Филипче уште еднаш напомна дека не мора да се носат само заштитни маски, може и марами и шалови кои би ги покриле устата и носот.
Инаку, од почетокот на пандемијата со коронавирус до денес во земјава се оздравени 589 лица. А во изминатото деноноќие се потврдени 22 нови случаи со коронавирус во земјава, со што вкупниот број на регистрирани лица со Ковид-19 се искачи на 1421. Во изминатите 24 часа се регистрирани и смртни случаи, лица кои починале од коронавирус, со ова вкупната бројка на починати изнесува 71.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на клиниката од 19 април и 63 годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на КОВИД-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден.