Министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека вакцината на АстраЗенека нема да им се дава на лица помлади од 60 години.
„Денеска има нови ставови на Агенцијата за лекови во Канада и во Германија во кои укажуваат дека вакцината на АстраЗенека на лица под 60 години не се дава. Вечерва разговаравме, и ние заземавме став. Почнуваме секако со постарите граѓани, кај кои ваквите несакани ефекти не се случиле. Во меѓувреме ќе пратиме писмо до ЕМА, а до тогаш ќе ги примениме препораките на овие две земји.
Значи овие вакцини нема да ги даваме на лица помлади од 60 години. Секако фокус се постарите граѓаните. Ќе се обратиме до ЕМА, ќе видиме што ќе биде одговорот и ќе постапуваме согласно нивните препораки“, рече Филипче.
Оваа изјава на министерот доаѓа по најновите информации дека Германија од денес ќе ја прекине употребата на вакцината на АстраЗенека на лица под 60 години поради нови податоци на несакани ефекти.