По зголемениот број на починати и заразени од коронавирус во државата, министерот за здравство Венко Филипче на последната објава на неговиот Фејсбук профил соопшти дека имаме два избора, или ќе го продолжиме да го враќаме животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките или ќе се враќаме назад кон силни рестрикции.
“Од почетокот на кризата со коронавирусот, на секој јавен настап повторувам една работа – вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките. Оние кои не веруваат во ова треба да ја погледнат состојбата во општина Дебар. Дебар беше прва општина која влезе во карантин, а денес е општина во која со недели нема ниту еден нов случај. Ова е заслуга на граѓаните и нивното дисциплинирано однесување.
Ние не можеме вечно да живееме во карантин. Тоа е штетно за менталното здравје на граѓаните, за економија, за целото општество. Имаме два избори, или ќе го продолжиме да го враќаме животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките или ќе се враќаме назад кон силни рестрикции. Изборот е наш. Друг излез од оваа состојба, за жал не постои.
Јас силно верувам дека ќе избереме да го нормализираме животот заштитувајќи го нашето лично здравје, колективното здравје и здравствениот систем. Затоа уште еднаш апелирам, да се воздржиме од групирање и да одржуваме дистанца, да сме внимателни и да носиме заштитна опрема и да се грижиме за личната хигиена“ напиша Филипче на својот Фејсбук профил.