Милион и двесте граѓани ќе бидат вакцинирани со ковид-вакцините, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Вчера, стигна писмото за најава од страна на Ковакс-механизмот дека е можно вакцините преку овој механизам да стигнат на крајот на јануари или почетокот на февруари. Ние вчера ги пративме и аплициравме со сите документи во однос на спремноста, а тоа се анализата и евалуацијата што ги правевме на нашиот систем заедно со СЗО и практично веќе аплициравме да бидеме во првата група земји во согласност со спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за јавно здравје да бидеме во првата група земји што би ги примиле вакцините“, рече Филипче.
Крајниот рок за пријавување е 18 јануари и дури потоа ќе се знае точно кога би пристигнала пратката со вакцини.
Исто така Филипче рече дека е логично барањето на угостителите за продолжување на роботнотo време.
-Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници, и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Ние, ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи за уште два часа, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за гинекологија.