Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека епидемијата стивнува и дека клучно е сега да внимава во периодот што следи, односно одговорно да ги празнуваме новогодишните и божиќните празници. Тој појасни дека вакцините кои Бугарија е најавено дека треба да и ги даде на Македонија како донација од својата пратка, ќе бидат најверојатно првите со кои ќе може да започне вакцинацијата. Ова, според најавите на министерот Филипче, ќе биде на почетокот на јануари.
„Утрово бев во Бугарија со која интензивно разговараме неколку недели. Бугарија како донација ќе оддели вакцини и од секоја количина која ќе ја добие, ќе има дел и за нас. Изразив голема благодарност и можам да укажам дека оваа криза ја поттикна и солидарноста и покажа дека само заеднички може да ги надминеме сите предизвици. Бугарија има нарачано доволен број вакцини и за нивните граѓани, а ќе има и за нашите. За дозите ќе знаеме следниот период. Првата количина на вакцини најверојатно ќе биде онаа од Бугарија, согласно нивните сегашни сознанија и ќе стаса во месец јануари”, најави Филипче.