До денес најголемата студија за ефикасноста на вакцината „Фајзер / Бајонтек“ против коронавирус кај општата популација покажа дека оваа вакцина обезбедува повеќе од 95% заштита.
Во исто време, истражувањата покажаа дека оваа заштита значително опаѓа доколку некое лице се вакцинира само со една доза наместо препорачаните две дози.
Авторите на студијата од Израелската национална кампања за вакцинација велат дека ова истражување обезбедило докази од реалниот живот дека пандемијата може да заврши со брзи, глобални програми за вакцинирање.
Анализата на податоците од Израел, земјата со најголем процент на имунизирани против корона, покажа дека вакцината била исклучително ефикасна кај постарите лица во време кога доминирала позаразната британска варијанта, покажуваат резултатите објавени во медицинското списание „Лансет“ .
До почетокот на април, скоро 5 милиони луѓе во Израел примија две дози вакцина „Фајзер / Бајонтек“. Студијата покажа дека две дози обезбедуваат 95,3 проценти заштита од инфекција и 96,7 проценти заштита од смрт седум дена по приемот на втората доза. После 14 дена, таа заштита беше зголемена на 96,5 проценти или 98 проценти.
Сепак, заштитата беше значително помала кога луѓето примија само една доза на вакцина. Помеѓу седум и 14 дена по првата доза, утврдена е заштита од инфекција 57,7 проценти, а заштита од смрт 77 проценти.
Авторите велат дека единечна доза може да обезбеди пократок период на заштита, особено во средина каде што се појавуваат нови вирусни мутации.
Вакцината е одобрена и за употреба кај канадски тинејџери на возраст од 12 до 15 години. Така, Канада, по Алжир, стана втора земја во светот што одобри употреба на оваа вакцина против коронавирусот кај адолесцентите.
Сојузната управа за храна и лекови во Соединетите држави се очекува да преземе сличен чекор „многу скоро“, објавија американските здравствени власти.