Компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ во понеделникот доставија првичен извештај до Американската администрација за храна и лекови (ФДА) во кој се наведува дека третата доза на вакцината е исто така ефикасна во заштитата од нови варијанти на коронавирусот.
Третата доза на вакцината предизвика значително посилен одговор на антитела против оригиналната варијанта на коронавирусот, како и против варијантите делта (индиската) и бета (јужноафриканската), во споредба со одговорот по двете дози.
Според првото истражување, третата доза е исто толку ефикасна против оригиналната варијанта како и против мутациите.
– Со оглед на високото ниво на имунолошки одговор што го забележавме, третата доза администрирана шест до 12 месеци по примарната вакцина може да помогне да се одржи високо ниво на заштита од ковид-19 – се вели во извештајот на компаниите.
– Овие податоци сугерираат дека можеме да одржуваме високо ниво на заштита од вирусот и неговите варијанти со трета доза на вакцината. Може да го намали преносот на болеста кај луѓето кои се вакцинирани, но и подобро да го контролира ширењето на вирусот воопшто – вели Угур Сахин, ко-основачот на „БиоНТек“.
Експертите во „Фајзер“ веруваат дека третата доза ќе биде потребна наскоро, но американските здравствени експерти сѐ уште не мислат дека има потреба од тоа.