Тројцата крадци кои викендов го ограбиле домот на пратеникот од СДСМ и поранешен вицеремиер, Фатмир Битиќи во скопската населба Бутел, однеле метален сеф со златен накит и пари, како и вредни рачни часовници, потврди тој за ТВ „24“.
Битиќи , кој е и поранешен потпретседател на партијата сподели детали за грабежот во неговиот дом.
Tojј бил надвор од државата кога се случила кражбата, вели дека се сомнева оти случајот има политичка позадина.
„Сè се случи околу 3 часот наутро. Кражбата траела од три и пол до четири минути. Дома имам поставено и аларм и видеонадзор. Регистрирани се три лица, двете влегуваат во куќата, а едното чува стража пред врата. Одземен ни е метален сеф кој беше вграден. Буквално го откорнале. Во сефот имаше пари, но и накит кој имаше сентиментално семејно значење за нас. По упадот, по околу 6 минути дошла и агенцијата за обезбедување со кој е поврзан нашиот систем за аларм“, вели Битиќи за телевизијата.
Според телевизијата ОРА24, во сефот на Битиќи, покрај накитот и часовниците, имало и околу 50.000 евра, а од домот на Битиќи наводно биле украдени и документи со доверлива содржина.
„На 21.04.2025 во 11.40 часот во СВР Скопје, Ф.Б.(49) од Скопје пријавил дека во периодот од 07.30 часот на 18.04.2025 до 03.00 часот на 21.04.2025, со употреба на сила и погоден алат било влезено во неговиот дом на подрачјето на Бутел во Скопје и биле одземени пари и други предмети“, извести МВР.