Уште еден руски олигарх, Дмитриј Зеленов, почина под мистериозни околности, а медиумите објавија дека тој починал откако паднал по скали на 9 декември во градот Антиб во француската ривиера.
Педесетгодишниот Зеленов бил на вечера со пријателите кога почнал да се чувствува лошо. После тоа, тој наводно паднал по скалите и се здобил со смртоносни повреди на главата, објавија рускиот весник „База“ и локалниот француски весник „Вар Матин“.
Потоа итно бил пренесен во болница, но лекарите не можеле да го спасат, а неговата смрт ја потврдил јавниот обвинител во блиската општина Грас следниот ден.
Според каналот на База на Телеграм, Зеленов неколку недели пред смртта бил опериран поради проблеми со срцето, иако не биле објавени дополнителни информации.
Зеленов беше ко-основач на „Дон-Строј“, некогаш една од најважните московски империи за инвестиции и развој на недвижности, која ја основа во 1994 година. Редовно се појавувал на листата на Форбс за најбогати Руси до 2008 година кога поради финансиската криза компанијата претрпе значителни финансиски загуби.
Околностите околу смртта на тајкунот се неверојатно слични на оние на Анатолиј Герашченко, поранешниот шеф на Московскиот авијациски институт, кој почина откако наводно паднал по скалите во седиштето на институтот во Москва во септември, пишува „Дејли мејл“.
Низата на сомнителни смртни случаи продолжува
Многу сомнителната смрт на Герашченко доаѓа помалку од две недели откако првиот човек на Владимир Путин за развој на руските арктички ресурси, Иван Печорин, „падна во морето“ додека пловел по брегот на Тихиот Океан.
Двајцата беа последните во долгата низа високи функционери од рускиот енергетски, технолошки и финансиски сектор поврзани со Кремљ кои умреа под сомнителни околности во последните месеци.
Поранешниот извршен директор Игор Носов исто така ненадејно почина во февруари, наводно од мозочен удар. Во февруари, нафтениот тајкун и претседател на Лукоил, Равил Маганов падна од прозорецот на шестиот кат на болница во Москва.
Во јули, Јуриј Воронов, шеф на транспортната и логистичка компанија за компанија поврзана со Газпром, беше пронајден мртов во неговиот базен. Уште две смртни случаи на директори поврзани со Газпром беа пријавени во елитни куќи во близина на Санкт Петербург, што ги зголеми сомнежите дека смртните случаи можеби се убиства.