Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ со години е на самиот врв, има успешен брак, среќно семејство и им помага на бројни деца преку работата на својата фондација. Многумина се прашуваа како го постигнува сето тоа. Се чини, многу лесно.
Новак се труди во јавноста секогаш да шири само позитивни пораки за охрабрување и да не дозволи никаква животна препрека да го оддалечи од зацртаниот пат. Овој пат тој откри во што е неговата тајна.
– Се молам секое утро. Прво изразувам благодарност за здравјето, за можностите да ја продолжам својата еволуција како мултидимензионално битие во овој живот. Благодарен сум на Бога за моето семејство, за моите чувства, што се будам во голем кревет за да ги видам најубавите изгрејсонца. Благодарен сум за тоа што продолжувам да работам на работите за коишто зборував, за тоа што напорно работам и тренирам, за обврските што ги имам како татко и сопруг – изјави Новак во една прилика.
Тој советуваше секое утро да се прават вежби за смирување на умот и целиот организам, и дека најважно е денот да се започне со позитивни мисли.
-Мора да го правите тоа на дневна основа, без разлика дали тоа е двоминутна вежба за медитација или молитва. Понекогаш навистина немате многу време, но важно е да бидете дисциплинирани и да продолжите со таа пракса. Кога имате отворен ум, подготвени сте да примите сè што ве опкружува во овој прекрасен свет. Ние сме благословени што живееме во овој свет и што поминуваме низ процесот на еволуција. И кога ќе дојдете до прагот на сознанието кои сте, и понатаму продолжувате да трагате по вистината. Тоа ве носи поблиску до Изворот од кој потекнувате и прави да се чувствувате присутно, смирено, исполнето со радост и благодарно што постоите, што постојат сите тие што ве опкружуваат и ве исполнуваат. Тоа е суштината на животот – заклучи Ѓоковиќ.