“На сликата не е Универзална сала туку нејзиниот двојник, Софијскиот циркус, изграден во 1962 година кој изгорел во 1983.
Нашата Универзална е изградена од бугарска фирма после земјотресот во Скопје во 1966 година. Ваква уште една имало и во Варшава а архитект на трите зданија е бугаринот Ерослав Станков.
Со овој објект ме врзуваат многу спомени, прво како гледач уште од најраната моја возраст кога ме носеа на проекции на цртани филмови, потоа одев на разни приредби согласно со мојата возраст, потоа на концерти, свечености…
Потоа од публиката се преселив на сцената како актер, водител, пеач, режисер.
Универзална ме чекаше секогаш кога ќе дојдам, дали во публиката или на сцената и секогаш без исклучок сум се чувствувал пријатно во неа. Ги сакам дури и гардеробите во кои тешко е да се свртиш со некој пораскошен костим. А до гардеробите се оди по едни тесни скали кои не можат да се користат за време на некој настан затоа што додека се симнеш од нив, отиде твојот дел. Затоа сите изведувачи за време на некој настан беа напикани во еден “џеп” од самата сцена во кој имаше столчиња ставени до радиаторите за да можат да се згреат. Фуреше од сите страни. Универзална е стара лименка во која на лето е пекол а во зимо е ледарник.
Салата е правена за повеќе намени но секогаш имала проблем со акустиката. Најпрвин на целата купола однатре беа лепени картонски пакувања за јајца, кои изгледаа многу грдо, додека не ги заменија со сегашните превртени печурки.
Универзална остаре, се изветви, замириса, на Универзална и заврши животниот век во тој објект, тој е стар и демоде. Но за среќа таа може повторно да оживее.
Универзална треба и мора да добие ново руво и потоа повторно ќе ги собира дотераните и напарфимираните гости кои ќе се гордеат со новото здание.
Да, ја сакам Универзална сала, но сакам да биде нова!“
(Фејсбук статус на актерот Драган Спасов Дац)