Основач на турска берза за криптовалути, Фарук Фатих Озер, наводно избегал од земјата со украдени дури две милијарди долари. Озер (27) е снимен од камера на аеродромот во Истанбул за време на проверка на пасошот. За него се верува дека побегнал во Албанија или Тајланд.
Обвинителите во Истанбул започнаа истрага во четвртокот откако Берзата на Озер нагло се затвори во средата и Озер ја напушти земјата со украдените инвестиции на стотици илјади инвеститори.
Компанијата на Озер со седиште во Истанбул, Thodex Exchange, ја продаваше дигиталната валута dogecoin, основана во 2013 година, за една четвртина од својата пазарна вредност.
Податоците на пазарот од 17 април покажаа дека компанијата тргувала со dogecoin во вредност од над 500 милиони долари во рок од 24 часа, но инвеститорите започнале да изразуваат загриженост кога сфатиле дека не можат да ги продадат или пренесат.
Во средата, Thodex нагло престана да тргува. Откриено е дека 391.000 инвеститори не можеле да пристапат до своите сметки во кои имале над 2 милијарди долари.
Во соопштението на веб-страницата на компанијата се вели дека тие го прекинале работењето пет дена за „подобро опслужување на клиентите“.
Сепак, се чини дека Озер ја напуштил земјата ден пред објавувањето на изјавата.
Инаку, на 17 април, претседателот Реџеп Таип Ердоган забрани употреба на криптовалути засновани на блокчејн технологијата како средство за плаќање во Турција. Турската централна банка соопшти дека забраната ќе стапи на сила на 30 април.
Земјата воведе забрана за криптовалути поради, како што тврдат, ризик од непоправливи загуби на сите страни вклучени во трансакциите.