Реликвија од злато и кристали, во која се чуваат капки крв од Светиот папа Јован Павле Втори, била украдена од катедралата во градот Сполето, во централниот дел на Италија, пренесува „Ројтерс“.
Реликвијата била украдена во средата од олтарот посветен на полскиот папа, кој почина во 2005 година, по 27 години понтификат.
Предметот бил привремено изложен во катедралата во Сполето. Следниот месец требало да биде префрлен во нова црква во регионот Умбрија, именувана по покојниот папа.
Архиепископот Ренато Бокардо, долгогодишен близок соработник на папата во Ватикан, повика моштите да бидат вратени во катедралата и на верниците.
Тој рече дека сè уште не е познато дали моштите биле украдени за откуп, како што се случи со други вакви предмети во Италија во минатото.
Истрагата за овој случај е во тек.