Апелациониот суд од Скопје ја укина затворската казна од 7,5 години за Љупчо Стојановски (61 год) од Велес, дедото на малата Тамара Димовска, која му беше досудена за обид за убиство на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Пресудата е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, пишува во одлуката на апелација. Предметот во Основен суд Скопје 1 го води судијката Софија Лаличиќ.
Второстепениот суд случајот го врати на повторно судење од почеток, а првото рочиште е закажано за среда 5 декември.
Инаку, Љупчo Стојановски се обиде да пука на Никола Тодоров на денот кога тој требаше да ја предаде министерката функција на 1 јуни минатата година.
Неговата внука, малата Тамара Димовска почина пред повеќе од три години, чекајќи операција на рбетот во странство, за што кривичниот суд води процес против 2 обвинети, лекари и членови на комисијата.