Нискобуџетниот оператор „Изи џет“ ќе влезе на македонскиот пазар во претстојната зимска сезона со авиолинија помеѓу Скопје и Женева – објави порталот 360степени. мк .
Летовите ќе почнат на 1 ноември и првично ќе се изведуваат двапати неделно, секој понеделник и петок, а од декември летови ќе има трипати неделно.
Авиокомпанијата во моментов нема директна конкуренција на оваа авиолинија. Таа ќе стане трета нискобуџетна авиокомпанија што ќе го опслужува скопскиот аеродром заедно со „Визер“ и „Пегасус ерлајнс“.
„Визер“, која е доминантна авиокопмпанија во Скопје, не може да воспостави летови меѓу Швајцарија и Македонија бидејќи авиолиниите меѓу двете земји се регулираат преку билатерални договори. Летовите на „Визер“ кон Базел се смета дека се летови кон Франција. Од друга страна, пак, „Изи џет“ има подружница во Швајцарија.
Од „Изи џет“ претходно изјавија дека за нив не претставува пречка присуството на „Визер“ на македонскиот пазар и дека ќе бидат воспоставени летови до земјава само доколку има доволно побарувачка.
Со ова, Босна и Херцеговина останува единствена земја од поранешна Југославија во која „Изи џет“ не ги нуди своите услуги, наведува exyuaviation.com.
Извор: 360степени.мк