Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Надворешниот ушен канал е цилиндричен слеп канал, обложен со кожа. Каналот во длабочина завршува со слушното тапанче. Кај возрасни каналот е долг околу 2.5 см, а широк е до 0.8 см. Надворешната половина на каналот е еластична, и во тој дел кожата е богата со лојни жлезди кои ја лачат ушната маст. Функцијата му е да го спроведе звукот до тапанчето.
Во надворешниот ушен канал често можат да се најдат туѓи тела, било случајно или намерно. Туѓите тела можат да бидат органски или неоргански, а органските можат да бидат живи или неживи.
Причини
Најчесто туѓите тела се гледаат кај децата, кои од љубопитност или игра ставаат туѓи тела во увото. Кај возрасните туѓо тело е најчесто последница на чепкање на увото, пикање разни предмети како памук, хартија, а во некои случаи и органски туѓи тела, како парченца лук, разни тревки и слично, со цел да го лечат увото.
Покрај ова во ушниот канал можат да доспеат и камчиња, песок, трева, разни семки, како и разни инсекти или нивни ларви.
Клиничка слика
Зависи од природата на туѓото тело.
Доколку се работи за инсект кој е жив, може да предизвика воспаление на кожата, оток и црвенило, проследено со болка. Силна болка во увото е уште еден препознатлив симптом.
Некои туѓи тела се хигроскопни, т.е. лесно впиваат вода, со тоа лесно набабруваат и го затнуваат каналот и прават заглувнатост, некогаш и шум или болка, а може да предизвикаат и рефлексна кашлица.
Треба да се запамети дека „туѓо тело во ушниот канал не претставува сериозен проблем се до моментот додека не почне нестручна манипулација за нивно одстранување”.
Дијагноза
Се поставува врз основа на анамнезата, клиничката слика и специјалистички ОРЛ преглед.
Третман
Туѓите тела од надворешниот ушен канал се отстрануваат со перење со вода, физиолошки раствор или 3% раствор од борна киселина. Понекогаш се отстрануваат со инструменти, но исклучиво од страна на лекар, најчесто од оториноларинголог! Во ретки случаи е потребен оперативен зафат.