Мехмет Зеки Полат и неговата сопруга ја преживеале „катастрофата на векот“, како што турските медиуми ги нарекуваат двата земјотреси кои на 6-ти февруари ја погодиле оваа земја и Сирија, одземајќи повеќе од 46.000 животи. Тоа што е фасцинантно за Полат е дека овој човек преживеал три земјотреси, но и два срцеви удари.
Овој 63-годишен Турчин моментално е на лекување во државната болница Ајдин. На турските медиуми им ја раскажал својата приказна …
„Тоа што го доживеавме тој ден (6-ти февруари) не може да се изрази со зборови. Беше многу тешко. Не зафатија земјотреси минатите години. Му благодарам на Бога што го преживеавме и третиот земјотрес. Во првиот ни се урнаа куќите, во вториот исто така. Тогаш живеевме во контејнери и шатори 3-4 години. Државата ни ги градеше куќите, а ние се преселивме таму. Една година подоцна повторно не зафати и трет земјотрес“, рекол тој.
Наведувајќи дека земјотресот многу го погодил и дека поради стрес имал два срцеви удари, Полат изјавил: „Многу наши роднини и пријатели ги изгубија животите под урнатините во земјотресот. Ги погребавме своите најмили. Ми загинаа внуци и многу други деца. Не знаеме каде им се гробовите. Има толку многу луѓе кои загинаа што нема место каде да ги погребаме. Го напуштивме својот дом и дојдовме тука. Имав еден инфаркт кога излегов од авион во Анкара, а уште еден на терминалот кога со автобус дојдов во Кушадаси. Итно ме однесоа на лекар. Од таму во Државната болница Ајдин“.
Неговата сопруга изјавила дека еден човек не го напушта својот роден град со задоволство, но дека по овие искуства, засега, немаат намера да се вратат назад во Адијаман.