Заврши сослушувањето пред Федералниот суд на Австралија за случајот Новак Ѓоковиќ против министерот за имиграција, Алекс Хок. Судскиот совет ги слушна аргументите на адвокатот на најдобриот тенисер во светот и министерот за имиграција и најави дека конечната одлука ќе ја донесе во текот на денот или дури во понеделник.
Адвокатите на Ѓоковиќ побараа доколку пресудата биде во корист на Новак, Србинот да биде ослободен во рок од половина час за да се подготви за мечот кој ќе се игра в понеделник.
Инаку, судењето пред Федералниот суд на Австралија го водеше врховниот судија Џејмс Алсоп, а во судискиот совет беа и Ентони Бесанко и Дејвид О’Калахан.
Адвокатскиот тим на српскиот тенисер, предводен од Николас Вуд, истакна дека нема докази кои ги поткрепуваат тврдењата дека присуството на првиот тенисер во светот поттикнува „антивакцинација“ и дека конечното укинување на визата всушност би имало такво влијание.
Адвокатот изјави дека Ѓоковиќ од почетокот на пандемијата играл многу тениски турнири каде имал голем успех на нив и дека не е забележан ниту еден случај на „лобирање против вакцинација“ во врска со тие тениски натпреварувања.
Правниот застапник на австралиската Влада, Стивен Лојд потсети на фактот дека првиот рекет во светот сè уште не е вакциниран. Тој исто така изјави дека Ѓоковиќ претходно ги игнорирал мерките за заштита од ширење на корона вирусот. Лојд истакна дека, со право или не, Ѓоковиќ во Австралија го доживуваат како некој кој е против вакцинацијата и станал „икона на антиваксерите”.