Иако Србија го освои сребрениот медал на Светското првенство во Филипини, Јапонија и Индонезија, подеднакво важна за сите жители на нашиот северен сосед е состојбата со повредениот Бориша Симаниќ.
Тој го загуби бубрегот поради удар што го доби на мечот против Јужен Судан, доживеа и операција, а по враќањето од Далечниот исток, докторот кој го надгледуваше откри страшни работи во врска со неговата состојба. Според него, малку фалело да дојде до најлошото, односно Симаниќ да биде загубен поради обилно крварење.
Истиот доктор тврди дека за една година, крилниот играч би можел да се врати на терените, но во овие две недели откако дојде до несреќата, најмалку три лица се пријавија да донираат бубрег за него. Еден од нив, 74-годишниот Хајрудин Реџовиќ од Сјеница повеќе пати јавно, дури и преку телевизија инсистираше да дојде до неопходната операција за да му помогне на кошаркарот да продолжи да живее нормално.
„Што е мојот живот во однос на оној на Бориша… Ништо, празни денови. тој е многу млад човек, на прагот на животот, а јас се ближам кон крајот“, изјави Реџовиќ.
Иако својата „кампања“ ја води јавно, тој тврди дека не го прави тоа за публицитет, туку за неговата желба што побрзо да стигне до Симаниќ. Додава дека се водел исклучиво од емоциите и тоа оние родителски бидејќи има син, ќерка и внук.