Околу 60 отсто од пациентите коишто прележале Ковид-19 дури и половина година по оздравувањето имаат најмалку еден од овие симптоми – умор, болка или отежнато дишење, покажуваат резултатите од француското истражување објавено во списанието „Clinical Microbiology“.
Три или повеќе симптоми се јавуваат кај една четвртина од луѓето, се вели во истражувањето во кое што учествувале 1.137 испитаници.
Значајниот умор, респираторното нарушување и болки во мускулите и зглобовите се меѓу најчестите трајни клинички симптоми коишто се појавиле по околу три, односно шест месеци по оздравувањето од Ковид-19.
Истражувачите ја забележале врската меѓу почетната тежина на болеста и долготрајното траење на симптомите. Така присуството на најмалку трите набројани симптоми и шест месеци по инфекцијата било почесто кај оние коишто поради Ковид-19 завршиле на интензивна нега.
Истражувањето исто така покажало дека иако мажите имаат поголем ризик од потежок облик на болеста, очигледно дека жените се тие коишто се во поголем ризик од развој на „упорните“ симптоми кога инфекцијата ќе помине.
Истражувачите заклучиле дека симптомите на т.н. долготраен Ковид-19 понекогаш имаат пошироки економски и социјални последици.
Така од пациентите коишто пријавиле симптоми и по шест месеци од оздравувањето, една третина од нив не се вратиле ниту на работа.
Инаку, симптомите по инфекцијата на коронавирусот се јавуваат на еден од 10 симптоматски случаи на Ковид-19, вклучувајќи ги и оние коишто не биле лекувани и имаат благ до умерен облик на болеста.