Во вчерашната несреќа во која автомобил излета од патот во реката Вардар загинаа три жени. Се уште се трага по маж, а петгодишно дете кое било во автомобилот е во стабилна состојба.
Несреќата на локалниот пат од Рашче кон Кондово и Сарај била пријавена во полиција вчера во 16 часот. Возилото било извадено од Вардар и во него имало три тела, изјави синоќа директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Во извлекувањето на автомобилот била вклучена екипа на САЕ Тигар.
Петтиот патник бил петгодишно дете кое излетало од автомобилот пред тој да падне во реката.
Од МВР соопштија дека детето било пронајдено од случајни минувачи кои го однеле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а оттаму е пренесено во Клиничкиот центар.