Познатиот бизнисмен, филантроп и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, оваа година ја доби наградата за Маж со трајни вредности во општеството, на првиот избор на Мажи на Годината 2018.
Во интервју за „Фрајдеј.мк“, тој говореше за вредностите на животот, а љубовта ја истакна како една од главните работи за еден човек.
„Низ животната врвица човекот постојано мора да ги испитува и преиспитува своите постапки, своите животни императиви. Само така може да изгради систем на темелити, трајни вредности. Она што за мене претставува трајна вредносна вертикала е човечката одоговорност кон самиот живот која претставува цел еден сет на постапки од животно значење кои ќе не одржуваат во постојана будност и одговорност кон заедницата, кој најблиските, но и кон секој еден друг кој го среќаваме низ животните патеки кои ги врвиме. Ние луѓето постоиме во релации, во споделени вредности кои би требало да градат слободни заедници. Тие релации треба да се исполнети со љубов. И токму тоа е можеби за мене најважната животна котва – љубовта. За мене љубовта подразбира грижа, взаемност, длабоко проникнување, сечовечка доблесност и одговорност кон животот и кон луѓето кои нѐ опкружуваат. Без љубов ништо не сме. Љубовта е нешто што ни е дадено но и што треба да се негува, да се култивира. Само преку љубовта сфатена како грижа во интимната но и во пошироката заедница, стануваме подобри луѓе а со тоа градиме и подобри светови. Љубовта е и споделување, широкоградост, несебичност“, рече Костовски.