Антонио Бандерас изјави дека инфарктот му го променил животот. Тоа го натерало да застане и да размисли за своите дотогашни навики.
„Тоа беше моето последно предупредување, можеше да биде многу лошо. Кога луѓето ме прашуваат како изгледа срцев удар, јас велам дека не знам. Можам да ви раскажам како изгледа она што јас го имав“, изјави Антонио Бандерас за „Fox News“, потсетувајќи се на срцевиот удар што го доживеал во 2017 година и додал дека тој во неговиот случај не предизвикал „голема штета“, но посочува дека не сите имаат таква среќа, односно не добиваат втора шанса.
„Има луѓе кои доживуваат срцев удар без да го препознаат. Тоа им се случува, на пример, во сон. А потоа следниот ден се чувствуваат чудно, несвесни за тоа што им се случило. Во мојот случај, тоа беше недвосмислен повик навистина да го согледам животот на поинаков начин. Сфатив дека одам по погрешен пат“, рече тој.
Бандерас доживеал срцев удар 2 години откако беше финализиран неговиот развод со актерката Мелани Грифит, со која беше во брак 20 години. За што полесно да се справи со тоа, тој ѝ се посветил на работата.
„По разводот бев збунет. Во истовреме правев многу работи, се обидував да се заштитам себеси и да најдам засолниште во работата. Снимав филмови еден по друг. Беше лудо. И така престанав односно излегов од тој вртлог на адреналин кога срцето ми рече ‘Полека, застани’“, нагласил тој и открил како му влијаела втората шанса:
„На почетокот не беше пријатен начин да се вратиш на почеток. На крајот се вратив во мојот роден град. Купив театар кој го поседувам и денес. Успех е само да го правите она што го сакате онака како што сакате. Тоа е она што го правам во мојот живот во моментов. И се чувствувам многу здраво“.