Денеска на КАРИЛ почина Денис Тот, хрватскиот ракометар кој последните години ги мина во нашиот шампионат, а сезонава го носеше дресот на РК Бутел. И покрај напорите на лекарите, тие не успеале да го спасат 27 годишниот ракометар од Хрватска.
Во медиумите доцна синоќа беше објавена информација дека Тот бил физички нападнат и со тешки повреди, бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје. Неговиот брат, Борис, кој исто така е ракометар и настапува во Холандија за хрватските медиуми потврдил дека тој е хоспитализиран, а родителите упатени кон Скопје.
Медиумите од Хрватска денеска објавија дека Тот бил претепан во ноќен клуб, а видео снимките избришани. Пресврт во пишувањата за физичкиот напад се случи по изјавите на МВР и КАРИЛ.
Од Министерството за внатрешни работи истакнаа дека пријавата од Клиничкиот центар ја добиле вчера утрото во 4:11 часот, а лицето било донесено во бесознание и без видливи повреди од насилство.
Неофицијално, причина за смртта е срцеви проблеми.