Двегодишно дете вчеравечер се удавило во близина на Градско. Родителите на детето, кои биле од скопската населба Шуто Оризари, престојувале во Долно Чичево заради берба на грозје.
Несреќата се случила во момент кога родителите заминале до Градско за да испазарат храна. Тогаш најверојатно детето, без да биде забележано од останатите грозје берачи, се упатило кон каналот со вода.
Бил повикан лекар од населба Градско кој ја констатирал смртта на детето. На неговото тело немало траги од насилство.
-На 3 септември околу 20.00 часот во СВР Велес било пријавено дека на место викано Рамниште, атар на село Долно Чичево, Општина Градско, во отворен канал за наводнување било пронајдено удавено двегодишно дете од населбата Шуто Оризари, Скопје. Лекар од Градско констатирал смрт без траги на насилство, изјавил Верољуб Додески, портпарол на СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција во Институт за судска медицина -Скопје.