Најмалку четири лица, меѓу кои и едно дете, загинаа, а повеќе од 300 се повредени откако се урна трибина за време на борба со бикови во централна Колумбија.
На видеото се гледа како трикатна дрвена трибина полна со гледачи се урива на стадионот во Ел Еспинал, департманот Толима.
Биковите продолжија да трчаат низ арената додека луѓето се обидуваа да се спасат.
За време на традиционалната манифестација на коралеја, публиката трча во арената за да ги иритира биковите.
Меѓу загинатите има две жени, маж и дете, изјави гувернерот на Толима, Хозе Рикардо Ороско.
Регионален здравствен претставник изјави дека 322 лица се примени во болницата, од кои четворица се на интензивна нега.
Неделниот настан беше дел од прославата на популарниот фестивал во Сан Педро.
NEW: At least 4 dead, dozens wounded after stadium collapse in Espinal, Colombia – Local media
— Breaking911 (@Breaking911) June 26, 2022
Колумбискиот претседател во заминување Иван Дјук рече дека ќе се спроведе истрага, додека новоизбраниот претседател Густаво Петро ги повика локалните власти да забранат такви настани.
„Ги молам градоначалниците да не дозволуваат повеќе настани кои вклучуваат смрт на луѓе или животни“, рече тој.
Ова не е прв пат да се случи ваква несреќа.
Само еден ден пред оваа трагедија, неколку луѓе беа повредени за време на коралеја во Ел Еспинал.
Претходно овој месец, едно лице почина откако беше избодено од бик за време на коралеја во градот Репелон.
Ороско рече дека неговите регионални власти ќе забранат такви манифестации, велејќи дека се опасни и сурови кон животните.
Новиот колумбиски претседател Петро ги забрани борбите со бикови во главната арена на колумбиската престолнина Богота додека беше градоначалник.