Експлозија го предизвикала пожарот во ковид – центарот во Тетово во кој загинаа најмалку десет лица.
Премиерот, Зоран Заев, на „Фејсбук“ напиша дека борбата за живот трае сѐ уште.
„Огромна трагедија се случи во тетовскиот Ковид-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените“, напиша Заев
Тој додава дека причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен.
„Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово“, напиша Заев.
Сведоци на настанот велат дека има повеќе повредени и починати лица, но тоа засега се уште не официјално потврдено.
Повеќе од 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила за речиси половина час го изгаснаа пожарот .Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.
-Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме, евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва онде што седи, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски
Министерот за здравство Венко Филипче пред полноќ соопшти дека е потврдено дека десет лица ги загубиле своите животи во пожарот што вечерва целосно ја изгоре модуларната болница во Тетово. Можно е да има и повеќе загинати, но засега официјално не може да биде потврдено. Ова е многу тажен ден, вели Филипче преку Твитер. Дека има голем број на починати потврди и премиерот Зоран Заев во објава на фејсбук. Во моментов се очекува некој да даде изјава и да ги соопшти црните податоци за вечерашнава несреќа.
„Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме. Изразувам сочувство до семејствата“, соопшти Филипче.