Четиригодишно девојче загинало во САД, откако во неа пукал со пиштол нејзиниот двегодишен брат. Во тоа време, нивниот татко ја плаќал сметката за гориво на бензинската пумпа.
Трагичната несреќа се случила во вторникот околу 11 часот во американскиот град Честер, Пенсилванија.
Имено, момчето си играло во автомобилот со пиштолот на татко му, кој случајно испукал и ја погодил неговата сестра. Татко им во тоа време бил во продавницата. Штом го слушнал истрелот веднаш истрчал надвор и го однел девојчето во болница, но таму можеле само да констатираат смрт.
Таткото го поседувал пиштолот легално, полицијата се уште се обидува да открие како момчето воопшто стигнало до него во возилото. Џек Столштајмер, обвинител на округот Делавер, рече дека сè уште не поднеле обвинение бидејќи истрагата е сè уште во тек.
„Кој го повлече чкрапалото и зошто пиштолот воопшто му беше достапен? Ова се прашања на кои треба да добиеме одговори“, рече Столштајмер.