Трагедија ја потресе Србија откако вчера во стан во Раковица беше пронајдено обесено 10-годишно дете. Наводно детето се обесило случајно снимајќи Тик-ток предизвик. Кога се случил инцидентот детето било само во станот, бидејќи неговите родители отишле до продавница.
„Кога се вратиле, тој не ја отворал вратата, па повикале полиција и пожарникари кои влегле преку терасата и го нашле детето обесено на креветот на спрат. Од почетокот имаше сомнеж дека до смртта дошло случајно за време на игра, а сега се верува дека малото дете всушност го играло предизвикот Blackout на социјалната мрежа Тик-ток“, рекол за овој медиум извор од истрагата.
Предизвикот Blackout подразбира децата да стават ремен околу вратот и да го стегаат додека се снимаат со телефонот, а тоа го прават додека не загубат свест. Пред неколку дена во Италија почина девојче на истата возраст, кое се задушило играјќи го токму овој предизвик. Светските медиуми апелуваат да се пријави секој профил каде се гледа споделување на овој предизвик.