Зоран Михајлов
Еден од плејадата фудбалери од битолскиот крај, кој успеа да направи извонредна кариера секако е Тони Мицевски. Тој како и сите деца од Поешево, село со педесетина куќи речиси залепено до Битола, уште од детските денови почна да ја шутка фудбалската топка не помислувајќи дека еден ден ќе стигне толку далеку – дури да заигра во Бундес-лигата и да стане капитен на македонската фудбалска репрезентација. Кариерата на Мицевски, инаку, беше многу чудна и испреплетена со многу случки.
– Кога почнав да играм фудбал и не помислував дека ќе одам подалеку од Битола. Заиграв за екипата на Поешево, која на некој начин во тоа време беше хит. Двапати го освоивме Купот на Битола и игравме во завршницата на Купот на Македонија. По една година поминав во редовите на Новаци, екипа што тогаш се натпреваруваше во Македонската лига. Таму имав среќа да работам со Кире Груевски, извонреден тренер и човек, кој имаше голем придонес за мојата понатамошна кариера. Тој многу ми помогна, во годините кога тоа беше најпотребно, да зачекорам по вистинскиот фудбалски пат. Инаку, Груевски беше тренер што имаше чувство за откривање таленти, па така не случајно во екипата, покрај мене беа уште Марковски, Лазаревски, Новевски и Ставревски, од кои последниве двајца, заедно со мене, стигнаа до сениорската репрезентација на Македонија – вели Мицевски.
ГОДИНАТА НА РАЃАЊЕ СОЗДАДЕ ПРОБЛЕМ
Во тој период, кога Мицевски настапуваше за Новаци, тренер на Пелистер беше Ѓоко Хаџиевски.
– Тој дојде специјално на еден натпревар да нѐ гледа мене и брат ми, кој, исто така, беше добар фудбалер. Беше задоволен од она што го покажав и веќе со едната нога бев во Пелистер, екипа за која сакаа да заиграат сите деца од битолскиот крај. Но, изби еден курцшлус. Имено, бидејќи бев млад и не можев да настапувам за сениорската екипа, во мојата натпреварувачка книшка како година на раѓање беше запишана 1965, а не онаа вистинската – 1970 година. Тоа како да го поколеба Хаџиевски, кој рече дека сум стар и дека негова желба е во Пелистер да доведе млади играчи. Но кога ја откри вистината и кога виде дека станува збор за играч помлад дури пет години од она што го пишуваше во натпреварувачката книшка, ме побара да дојдам во Пелистер. Во првиот момент ја откажав понудата, зашто навистина ми беше убаво во Новаци, во кое имав едно прекрасно друштво. Сепак, по една година (1990 – н.з.), дојдов во битолскиот клуб – ја продолжува својата приказна Мицевски
Тогаш Пелистер имаше млад и квалитетен состав. Покрај Тони Мицевски тука беа уште Грозданов, Ванчо Мицевски, Ставревски, подоцна и Митко Стојковски. Сите тие беа фудбалери со голем потенцијал и секој од нив на свој начин ја градеше кариерата. Со овие фудбалери Пелистер стана прволигаш, но брзо дојде распадот на Југославија, па така не можеше и понатаму да се докажува во една силна конкуренција.
– Хаџиевски создаде еден таков амбиент, така што сите дишевме како еден. Во таква ситуација, кога тимот го има оној неопходен спортски дух не може да нема успех. Станавме тврд орев за секој противник – продолжува Мицевски.
Мицевски, како да беше тоа вчера, убаво се сеќава на своето прволигашко деби.
– Тоа беше дуелот со белградски Партизан. Стадионот под Тумбе Кафе беше преполн, атмосфера каква што може да се посака. Понесен од сето тоа одиграв одлично и по натпреварот легендата на Партизан Бјековиќ веднаш посака да разговара со мене. Тој ми понуди да дојдам во Партизан, но Пелистер бараше големо обесштетување, па така тој трансфер не се оствари – вели тој.
ДУЕЛИТЕ СО ВАРДАР – ФУДБАЛСКИ ПРАЗНИК
По распадот на Југославија секоја република си создаде свој систем на натпревари и своја лига. Пелистер беше меѓу прволигашите уште во првата сезона по осамостојувањето на Македонија и како поранешен југословенски прволигаш, кон него противниците гледаа со голем респект.
– Имавме многу интересни дуели, но оние со Вардар беа вистински фудбалски празник. Тоа секогаш беа дерби-натпревари на колото, па така сето внимание на фудбалската јавност беше свртено кон нив. Ние, пак, актерите на теренот, сакавме да прикажеме што повеќе и дававме сѐ од себе, не само да победиме, туку и да не ги разочараме навивачите, посебно чкембарите. Се сеќавам на сите мечеви што ги игравме со Вардар, но, исто така, и на многу други средби како на пример оние со Силекс, кој тогаш беше во голем подем, потоа Слога Југомагнат, Победа. За Пелистер тогаш настапуваа Димов, Веселиновски, Дејви Главевски, Борче Јовановски, Ванчо Мицевски, Петар Милошевски, имиња што оставија печат во македонскиот фудбал – вели Мицевски.
Добрите игри на Мицевски во Пелистер, но и во репрезентацијата на Македонија, не останаа незабележани и од менаџерите. Почнаа да доаѓаат понуди за странство и по четири и пол години во Пелистер, Мицевски заминува на печалба во Германија. Тенис Борусија од Берлин беше првата негова дестинација, надвор од Македонија.
– Откако отидов таму и ги поминав лекарските прегледи, луѓето од Тенис Борусија ми рекоа дека неколку месеци претходно ме следеле, а конечно решиле да преговараат со мене по онаа средба Шпанија – Македонија во Елче. Иако загубивме од Шпанците со 3-0, јас одиграв добро и набрзо потоа, во 1995 година, се најдов на германските фудбалски терени – рече Мицевски.
По првите настапи Мицевски станува интересен и за други клубови. Тој постојано е пред очите на менаџерите, кои го следат секој негов чекор. Така, набрзо му пристигнува понуда од Ханза од Росток и од овие моменти почнува вистинската германска одисеја.
– За Ханза дебитирав на мечот со Борусија од Дортмунд пред повеќе од 60.000 гледачи. Тоа беше амбиент, кој малку ме подуплаши, но и ме мотивира. За Борусија играа Шапуиза, Рикер и други познати имиња, а јас бев задолжен да го чувам најпознатиот меѓу нив, Руди Фелер. На таа средба истрчав околу 12 километри и не му дадов, што се вели, да дише на германскиот репрезентативец. По мечот сите се чудеа од каде таква сила кај мене, не знаеја дека јас сум здраво селско дете – во шега вели Мицевски.
Во Германија Мицевски играше заедно со уште неколку фудбалери од поранешните југословенски простори. Меѓу другите настапуваше заедно со Барбарес и со Акраповиќ, кој еден период беше и тренер на Шкендија.
ИСПУШТЕНА ШАНСА ЗА ЕВРОПА
Тони Мицевски во Ханза остана 2,5 години. Беше стандарден, но се случуваше на некои натпревари да биде и изоставен од екипата.
– Тоа во прво време ми беше чудно, но потоа сфатив дека од тактички причини мора да останам на клупата за резервни играчи, иако на претходниот меч, на пример, сум постигнал гол. Таму нема лутење, тренерот е оној што го има последниот збор и тој според карактеристиките на противникот го профилира и својот тим – вели Мицевски.
Инаку, од оние средби што ги одиграл за Ханза најмногу се сеќава на дебито со Борусија во Дортмунд и на малерозниот пораз од Келн во Росток.
– Ситуацијата беше многу интересна. Во последното коло во Бундес- лигата дома игравме со Келн, ни беше потребно реми за да излеземе во тогашниот Куп на УЕФА, а на Штутгарт, за кој настапуваше Митко Стојковски, му беше потребна победа на свој терен за тој да оди во Европа, ако се случи ние да загубиме. И замислете каква трагедија, при резултат 0-0 на три минути пред крајот примивме гол, стрелец беше Рикер, а Штутгарт победи со 1-0 и се пласира за Купот на УЕФА. Поразот тешко ни падна, но и покрај тоа два-три часа подоцна сите фудбалери на Ханза беа со криглите пиво во рацете, како ништо да не се случило – вели тој.
Тони Мицевски помина еден убав период во Ханза, за подоцна кога веќе имаше 28,5 години, по покана од тренерот Херман Ерленд повторно да се врати во Тенис Борусија.
– Во Ханза ми беше многу напорно, па сакав малку да се одморам и затоа ја прифатив понудата на Ерленд. Во Берлин атмосферата беше порелаксирана, зашто Тенис Борусија тогаш настапуваше во Втората лига. Но по година и пол, во која имав забележителни настапи, дојде до промена на тренерот. На местото на Ерленд дојде Вили Шефер, кој си донесе свои фудбалери и нив ги форсираше. Јас сѐ почесто бев на клупата, па од тие причини решив да си заминам и да се вратам малку меѓу своите. Дојдов во Пелистер, во кој тренер беше Кирил Дојчиновски. Успеавме да се пласираме и во Купот на УЕФА – вели Мицевски.
Мицевски настапуваше дома, но со мислите беше во Германија. Овој пат ја прифати понудата на Енерџи Котбус. Таму остана година и пол.
– Мислев дека сѐ ќе биде како што треба, но не бев задоволен и решив повторно да си дојдам дома, но не во Битола, туку во Прилеп. Со Победа го освоивме Купот, откако во финалето во Струмица ја совладавме Цементарница од Скопје со 3-1. Тоа беа убави мигови во мојата фудбалска кариера. Настапивме и во Купот на УЕФА, но во првото коло бевме елиминирани од данскиот Митјиланд – рече тој.
Но, тука не беше крајот на активната кариера. Мицевски повторно се враќа во Германија и настапува за Оснабрик во Третата лига.
– Таму заминав по инсистирање од раководството на клубот, кое уште од времето кога играв за Ханза и за Тенис Борусија, посакувало да ме види во нивната средина. Ми беше убаво, играв без поголеми напори, а и добро заработував. За жал, по неполни две години ми се случи повреда на ’рбетот и веќе не бев во можност да ги издржам напорите. На 35-годишна возраст се повлеков за потоа до ден-денеска играм за моето Поешево. Во моментиве јас сум сигурно најстариот фудбалер што трча по терените низ Македонија – ја заврши својата приказна еден од нашите легендарни фудбалери Тони Мицевски.