ЗОРАН МИХАЈЛОВ
– Кариерата на еден од најталентираните македонски фудбалери беше многу турбулентна.-Трајановски почна во Пелистер, потоа дојде во Вардар како млад и надежен фудбалер, болеста го спречи да се доискаже.-Беше на прагот и на југословенската репрезентација за настап на Светското првенство во Шпанија
Еден од повеќето квалитетни фудбалери што ги даде битолското подневје секако е Томче Трајановски. Тој како и повеќето деца во 70-сеттите годинин од минатиот век ја покажуваше својата љубов кон фудбалот. И уште на почетокот се виде дека во тоа момче од Оптичари, село -сместено во Пелагониската рамнина ,на осум-девет километри јужно од Битола, се крие голем фудбалски талент.
– За сите деца од селото фудбалот беше најпривлечната игра – се сеќава на тие години од минатиот век Томче Трајановски. Нормално, тоа се однесуваше и за мене, зашто и јас секојдневно ја шутирав топката. Меѓутоа, немав некои амбиции, играв онака од љубов –се додека не дојде време да се запишам во Средно-техничкото училиште во Битола. Тогаш се случи нешто што ја определи мојата животна судбина. Имено, често играјќи на познатото „ќумурно“ игралиште покриено со црна “шлјака“ ,ме забележа еден од тренерите на младинските категории во Пелистер – Благоја Георгиевски. Така, набрзо по моето запишување во средното училиште почна и мојот фудбалски живот.
Брз пробив во младинскиот тим
Младинците на Пелистер во 1976 година предводени од Петар Глигоров станаа шампиони на Македонија, а во тој тим како најмлад се појави и Томче Трајановски. За многумина тој беше вистинско откритие, во него битолските љубители на фудбалот уште на стартот забележаа дека има квалитети за високи дострели.
-Јас и не бев свесен што се случува. Се некако дојде набрзина и просто не можев да верувам дека играм во еден тим, заедно со веќе афирмираните Хусеин-Џате, Наум Љамчевски, Јовановски. Тие за мене беа „звезди“, а еве дојде време и јас да им се придружам и заиграм со нив. Со тој тим ја освоивме титулата во Македонија и како шампиони отпатувавме на финалниот турнир во Белград. Тоа за мене беше големо доживување, бев среќен што се најдов во еден тим со идните легенди на битолскиот фудбал.
Трајановски се сеќава на тие први настапи на сојузно ниво. Посебно во неговата меморија е останат оној прв натпревар и пораз од Црвена звезда од 0:4.
-За сите млади фудбалери во поранешна Југославија името на Црвена звезда значеше нешто посебно. Затоа кога излеговме на терен некако бевме подуплашени. Едноставно, Звезда создаде мит кон кој сите гледаа со респект без оглед дали се работи за пионерски,младински или сениорски состав. Нејзиното име кое внесуваше страв кај противниците често ја носеше до победата. Така беше и со нас во тој прв меч на турнирот. Можеби од скромност малку и се потценивме. Јјс на пример си велев: “дете дојдено од Оптичари ќе игра против Црвена звезда“. Но,ете играв и на тој настап се сеќавам до ден денеска.
Пелистер на турнирот заврши на четвртото место, што беше солиден пласман. Оттогаш тргнува оној вистински фудбалски живот на Трајановски исполнет со многу скокови и падови, често и со тешки моменти, моменти на одлука, да се оди натаму или да се посвети на други работи, од кои на прво место беше учењето. Но, Томче се решава да тргне по патот на наизвесноста.
-Бидејќи учев во Битола, а тука беше и мојот постар брат, живеевме заедно во една соба. Јас често кога малку ќе ме зафатеше носталгија со трчање одев во Оптичари за да се видам со родителите. Се случуваше понекогаш и цела недела да трчам на истата релација – да живеам дома, а на училиште и тренинг да доаѓам со трчање. Тоа како да беше наодполнување на тренинзите кои сега станаа нешто посериозни, вели Трајановски.
Тогаш тренер на првата екипа на Пелистер беше професорот по физичко, искусниот и мошне респектиран во спортскиот свет Крсте Ефтимовски.
-Бев пријатно изненаден кога Ефтимоивски ме повика да тренирам со првиот тим на Пелистер.Тоа ми причини големо задоволство зашто ќе бидам на теренот со оние кои дотогаш ги гледав на теренот, а и на Широк Сокак,и посакував еден ден и јас да станам како нив.Ете дојде и тој ден…
Најмлад првотимец со Христов
Така Трајановски со 16,5 годинио се најде во најдобриот состав на битолчани.
-Бев најмлад првотимец,вели Томче, единствемно не знам дали јас или Ѓорѓи Христов беше помлад. Инаку, своето деби во сениорскиот тим го имав против скопска Слога, која беше стандардна во Македонската лига и важеше за еден силен состав. На трибините имаше околу 7.000 гледачи, а околу 3.000 имаше на Тумбе Кафе. Амбиентот беше прекрасен, онака фудбалски. На полувремето Ефтимовски ми вели, “ Томче подготвувај се влегуваш во игра“.
Бев возбуден,требаше да играм тука покрај Упалевски, Гочевски, Ташков, Богоевски, Ристевски, Димов,фудбалери кои ми беа идоли. Но,тој момент го чекав и затоа се подготвив да влезам во дуел со чаирчани. И како што би посакал секој дебитант се случи токму јас да го решам мечот со погодокот во 88-та минута. Целиот стадион беше на нозе, јас бев пресреќен и оттогаш три години стандардно го носев дресот на Пелистер. Одиграв околу 100 натпревари, постигнав 20-30 голови, а наместив и самиот не знам колку голови. Јас повеќе уживав да местам одошто да постигнувам голови. Таков тип на играч бев.
Во тој период на кормилото дојде најголемата легенда на битолскиот фудбал Наум Бутевски.
-Од него најмногу научив, се сеќава Трајановски. Буте беше голем фудбалер, тренер и човек. Имаше успешна кариера и во прволигашот на тогашна Југославија, Раднички од Ниш. Дури во еден момент, иако желба како на сите млади фудбалери во Македонија,беше да дојде во Вардар, јас помислував да одам во Раднички! Буте веднаш ќе ја “отвореше“ нишката врата ако јас го посакував тоа. Но, сепак се случи нешто друго.
Му „легна“ на окото на легендарниот Бобек
Скопски Вардар во 1979 година под водството на една од најголемите југословенски, па и светски легенди Стјепан Бобек се врати во Првата лига. Тоа беше радосен момент за сите фудбалски љубители зашто претходно три години најпопуларниот македонски тим не успеваше да избори враќање во елитата. Со Бобек тоа му успеа. Нему животот во Скопје му се допаѓаше, па иако можеше да бира да живее каде сака на земјината топка,тој се реши подолго да остане меѓу нас. Неговото фудбалско искуство и неговата визија за тоа како треба да изгледа Вардар, беа драгоцени. Во остварувањето на целта, на прво место на Бобек беше селектирањето на млади фудбалери од цела Македонија. Тој ги следеше и имињата на оние што ќе му „легнееја“ на око и веднаш влегуваа на неговиот список. „Тефтерот“ на искусниот фудбалски маг постојано се зголемуваше и во него меѓу другите беа запишани и три имиња на фудбалери од Битоила: Тони Савевски, Петар Георгиевски и Томче Трајановски.
-Тони прв од нас замина во Вардар, вели Трајановски. Тој дури и пред да оди често беше повикуван да игра на некои пријателски натпревари со младинскиот и сениорскиот прв и втор тим. Една година по враќањето на Вардар во Првата лига во 1980 –та на клубот му пристапија Тони и Пепи, а јас дојдов следната година.Така,покрај оние претходно селектирани играчи – Здравков, Најдов и Алексовски се најде и битолската тројка. Не ни беше тешко да се привикнеме на новата средина зашто и дотогаш имавме контакти со Вардар и знаевме што не очекува. Ги знаевме и другите засилувања од Македонија со кои и претходно комунициравме и уште во првите моменти во Вардар се спријателивме, а тоа дружење трае и денеска.
Во тимот на скопјаните во тие години кога пристигнуваа младите таленти икмаше искусни и афирмирани фудбалери,со кои беше чест да се игра.Тука беа Јовановски, Кочо и Влатко Димитровски, Груевски, Грнчаров, Банковиќ, Маневски , Мицевски, Рингов…
Против Раднички – гол за паметење
Летото 1981 година беше најжешкото лето за Томче во неговиот живот. Тогаш ги доживуваше најтешките фудбалски денови.
-За разлика од приемот во Вардар и брзото спријателување со клупските другари, аклиматизацијата тешко ми одеше. Едноставно не знам што се случи со мене. Јас бев познат по тркачките особини, како фудбалер кој ја гради играта и шпарта по целиот терен, а овде оддеднаш како да немав душа. Почувствував дека нешто се случува во мојот организам, но не можев да претпоставам дека веќе во зимскиот период ќе „закачам“ тешко воспаление на градниот кош. Тоа за мене беше фатално. Токму кога заиграв за првиот тим морав да се оддалечам од фудбалот и да почнам со лечењето. И симпатизерите на Вардар беа разочарани зашто во мене гледаа еден иден стандарден првотимец кој беше по нивни вкус и мерак. Но, ете никој не може да предвиди што ќе му донесе судбината. Но и она што го одиграв дотогаш не беше за потценување, за ова говори и фактот што бев меѓу 50-мината фудбалери селектирани од Милјаниќ за следното Светско првенство во Шпанија.
Инаку, дебито за Вардар Трајановски го имаше против Хајдук уште во првото коло од натпреварувачката 81/82 година.
-Иако само десетина минути доживеав да заиграм против фудбалери какви што беа Слишковиќ, браќата Вујовиќ, Гудељ, Шалов… Загубивме со 1:0, но судијата Шоштариќ не ни досуди чист пенал по прекршокот над Рингов.Од тие први мои настапи се сеќавам и на средбата со Слобода во Тузла. Тогаш Пепи се повреди, па јас влегов во игра. Слобода за која меѓу другите настапуваа Хатуниќ, Шеќербеговиќ, Мујезиновиќ, Смаиќ и другите познати имиња на босанскиот фудбал,водеше со 1:0 и се чинеше дека ќе извојува победа. Но, во завршницата, во 90-сеттата минута со голот на Оџаков израмнивме и освоивме бод.
Сепак она што ќе се памети од тој период е најубавиот гол во сезоната (1981/82 ) – постигнат од Томче Трајановски на мечот со Раднички од Ниш.
-Раднички имаше силен состав кој стигна и до полуфиналето на Купот на УЕФА. За него настапуваа Пантелиќ, Бојовиќ, Стефановиќ, Алексиќ, Бегановиќ, Дризиќ… сите искусни и квалитетни фудбалери .Јас добив една топка од голманот Георгиев пред нашиот шеснаесетник . Погледнав напред и тргнав кон центарот, минав еден играч, потоа уште еден, па уште еден и така со ред ги нанижав сите што ми доаѓаа во пресрет. Во еден момент се најдов сам пред голманот Пантелиќ кој веќе го напушти голот за да ме сопре, но јас навреме упатив прецизен удар и постигнав гол!Публиката скокна, јас бев збунет, а Гордан Здравков дотрча до мене и ми рече крени раце, поздрави ги гледачите, тие тебе ти аплаудираат. Дури потоа им отпоздравив,не можејќи и самиот да поверувам што сум направил.
Потоа овој гол долго време се вртеше на шпицата од емисијата Спортски преглед. Цела фудбалска Југославија зборуваше за неверојатниот погодок на Трајановски.
Но, што се случуваше подоцна во кариерата на Трајановски ќе читате идната недела.
Лична карта-Томче Трајановски
Роден 1961 година во Битола.
Кариера: Пелистер, Вардар и Македонија.
Успеси: Настап со Вардар во Купот на УЕФА, стрелец на најубавиот гол во шампионатот на Југославија во натпреварувачкаата 1981/82 год.
Тренерска кариера: Помошник на Ѓоре Јовановски во неколку клубови во Македонија, тренер на младата репрезентација на Македонија.
Успеси: Освоени три титули и еден куп со ФК Работнички.
Други активности: Секретар на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија.