Поради банкротот на британскиот туристички туроператор „Томас Кук“ пропадна свадбата на младиот Британец по име Томас Кук. 29-годишниот Кук од градот Хакнол и неговата девојка Амелија Бинч долетале на грчкиот остров Родос на 18-ти септември и трабало да се венчаат во хотелот „Линдос Принцес“ на 27-ми септември. Двојката направила резервација за свадбеното патување преку „Томас Кук“. Но, на Кук и на неговата избраничка, сега им било кажано, дека свадбата може и да не се организира, затоа што резервацијата на компанијата вклучувала свадбена церемонија, цвеќиња, торта, украси и забавна програма. Тие требало да се вратат дома на 3-ти октомври, но им било речено да бидат подготвени за заминување секој ден.
Според младоженецот, повеќе од 30 членови на семејствата и пријатели треба да присуствуваат на свадбата, а половината од нив досега сѐ уште не заминале, како и кумот кој сѐ уште е во Англија.
“Ова го планирав две години, а сега сето тоа отиде во бестрага. Плативме за сѐ. Сѐ се стори пепел. Не знаеме што можеме да направиме“ вели несудениот младоженец Кук.
Инаку, невестата и младоженецот потрошиле околу 10.000 фунти на патувањето. Двојката која е заедно веќе 12 години, го избрале Родос затоа што сакале да стапат во брак во странство, а и затоа што свадбата на овој грчки остров би ги чинела поевтино отколку во Британија.
“Ова е страшно…. Не очекувате дека може да се случи нешто вакво со таква компанија. Затоа и резервиравме кај нив. А сега тоа ќе нѐ чини скапо“, се жали невестата.