Сингапур му плати 166.000 долари на 16-годишното момче бидејќи доживеал срцев застој по првата доза на вакцината против „Ковид-19“, објави Министерството за здравство.
Пациентот, кому му била потребна интензивна нега, сега се опоравува и е стабилен. Веројатно ќе биде пуштен дома во следните неколку недели. Сепак, тој ќе треба да помине низ период на рехабилитација пред да се врати на училиште и да продолжи со други активности.
Исплатата на момчето и неговото семејство спаѓа во рамките на владината доброволна еднократна програма за финансиска помош за надоместување на трошоците поврзани со сериозните несакани ефекти од примање вакцина против коронавирус, пишува Блумберг.
Тинејџерот ја добил првата доза Pfizer-BioNTech на 27 јуни. Потоа развил тежок акутен миокардитис, веројатно предизвикан од вакцината, што можело да се влоши со напорно кревање тежина и голема потрошувачка на кофеин.
Властите нагласиле дека придобивките од вакцината „продолжуваат да ги надминуваат ризиците“. Но, тие додаваат дека вакцинираните луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност една недела по примањето на првата или втората доза.