Властите во американската сојузна држава Ајова соопштија дека 18-годишната девојка, која признала дека убила маж кој неколку пати ја силувал, избегала од притвор.
Пипер Луис била видена како ја напушта женската поправна установа Fresh Start во Де Моин во петокот во 6:15 часот, по што нејзиниот ГПС монитор во еден момент се исклучил, објави NBC News.
Властите издале налог за нејзино апсење, а сега е побарано преиспитување на првобитната казна и се соочува со 20 години затвор. Луис се изјаснила за виновна за убиство минатата година, а судот ја осудил на пет години условна казна под строг надзор во притворен центар. Таа мора да плати и отштета од 150.000 долари на семејството на убиениот.
Во 2020 година, тинејџерка спиела во ходникот откако избегала од насилнички дом. Ја примил маж и почнал да ја продава на други за секс. Луис изјавила дека еден од мажите кои платиле за неа бил Захари Брукс (37) и дека ја силувал многу пати.
Луис, која тогаш имала 15 години, го избодела Брукс повеќе од 30 пати во јуни 2020 година. Иако прифатила дека сторила кривично дело, таа ги бранела своите постапки.
„Одзедов нечиј живот. Но тој ден не мислев. Чувствував дека не сум безбедна и дека сум во опасност, поради што го направив тоа. Но, тоа не го негира фактот дека направив кривично дело. “ изјавила Луис.
Полицијата и обвинителството не оспорувале за време на судењето дека Луис била сексуално злоставувана и со неа било тргувано. Но, обвинителството тврдело дека Брукс спиел кога таа го избодела и затоа не претставувала непосредна закана во тој момент.