Џон Траволта се прости од актерката Кирсти Ели, која почина на 71-годишна возраст по тешката битка со ракот.
Тој глумеше со неа во „Погледни кој зборува“.
„Врската со Кирсти ми беше една од најпосебните врски во животот. Кирсти, те сакам. Знам дека ќе се видиме повторно“, напиша актерот на својот Инстаграм-профил.
Траволта, чија сопруга Кели Престон, исто така, почина од рак во 2020 година, сподели и краток сегмент од нивниот заеднички филм „Look Who’s Talking“, кој беше апсолутен хит во осумдесеттите години на минатиот век.
Низ годините, Ели повеќепати зборуваше за нејзиниот посебен однос со Траволта.
„За малку ќе избегав и ќе се омажев за Џон. Го сакав и сè уште го сакам. Да не бев веќе мажена тогаш, ќе избегав и ќе се омажев за него“, изјавила Ели во една прилика.
Ели и Траволта го снимија филмот „Look Who’s Talking“ во 1989 година, а во тој период Ели беше во брак со актерот Паркер Стивенсон. Иако и двајцата имале чувства еден за друг, сепак ништо не се случило меѓу нив бидејќи Ели била зафатена.
„Требаше да поминат години за да престанам да го гледам Џон на романтичен начин. Тој беше најголемата љубов во мојот живот“, искоментирала таа.
Инаку, Ели се разведе од Стивенсон во 1997 година, но Траволта тогаш веќе беше во брак со Кели Престон.