Шпанската полиција го откри телото на Сибора Гагани, млада девојка со албанско потекло и италијанско државјанство, која исчезнала во шпанското одморалиште Торемолинос во 2014 година.
Посмртните останки на младата Албанка биле пронајдени скриени во дрвена кутија помеѓу два ѕида од станот што го делел со италијанскиот државјанин Марко Р.(45) со кого тогаш била во врска.
На 27 мај Марко Р., наводно, ја убил својата девојка во истиот град. Тој побегнал по злосторството, но бил фатен од полицијата, а подоцна наводно го признал убиството на Гагани откако видел фотографија од младата жена на постер за исчезнати лица во станицата.
-Тој употребил киселина за да го снема телото, по што го заѕидал – стои во полициското соопштение.
Инспекторите ја прегледале мансардата каде парот живеел заедно во 2014 година и со помош на систем за рендген откриле дрвена гајба скриена меѓу два ѕида.
Подоцна внатре биле пронајдени човечки останки и однесени во Институтот за судска медицина за обдукција и идентификација. Иако се уште се чекаат резултатите од ДНК тестовите, се чини дека работата е јасна.
Сегашните станари на мансардата соработувале со истражителите кои неколку пати го пребарале станот со дупчење мали дупки во ѕидовите за да вметнат камери, но безуспешно. Тоа успеале да го направат дури во вторник благодарение на употребата на рендген апарат.
Градот на југот на Шпанија прогласи ден на жалост поради страшното откритие.
Сибора Гагани се преселила на Коста дел Сол со Марко Р. во 2011 година. Исчезнала на 7 јули 2014 година набргу по раскинувањето со него. Таа имала 22 години. Оттогаш, нејзините роднини, кои живеат во Италија, не знаеле ништо за тоа каде се наоѓа. Марко Р. тврдел дека девојката наеднаш си заминала без да каже каде оди.
Истрагата за нејзиното исчезнување продолжила само пред неколку дена откако Марко Р., наводно, неколку пати ја избодел со нож својата сегашна партнерка (28) во друга куќа во Торемолинос. Соседите повикале полиција откако слушнале гласна расправија, а полицајците го пронашле телото на жената и почнале да трагаат по Марко Р., кој бил пронајден и уапсен шест часа подоцна.