Сараевчанец со италијанско потекло Александар Ањоли двапати годишно, од 1975 до 1978 година, бил лично обезбедување на Јосип Броз Тито додека ловел дивеч на ловиштата во близина на местото Бугојно, објави „Курир.рс“.
Ањоли се присети на неколку интересни детали. Тогашните политичари во една прилика позирале со Тито пред кожа на убиена мечка, која била закачена на ѕид. Не треба да се спомене дека мечката ја застрелал токму Јосип Броз. За да ја опушти атмосферата, Тито, пред да светне блицот, се пошегувал на начин карактеристичен за него, вели Ањоли.
– Другари и другарки, само што добив вест дека другарот Николај Чаушеску на Карпатите уловил поголема мечка од оваа на ѕидот. Што мислите ние малку повеќе да ја растегнеме нашата мечка за и понатаму да биде најголема уловена мечка во Европа – рекол лидерот на Југославија.
Тито уживал во ловот. Секогаш имал три пушки, но најдрага му била пушката „винчестер“.
Имал, според кажувањата на Ањоли, тој имал стандардни процедури пред тргнување на лов.
Броз се будел околу четири часот наутро, за да провери какво ќе биде времето. Потоа шетал околу вилата Горица, на терасата пиел кафе, пушел кубанска пура и ги прелистувал весниците. Потоа во близина на вилата го испробувал оружјето.
Интересно е да се напомене дека весниците за Тито во вилата Горица стигале со хеликоптер, а цигарите директно од Фидел Кастро. Ањоли памети дека пурите биле во алуминиумска амбалажа на која пишувало: „Од Кастро за Тито“.
Александар Ањоли не се нашол случајно во обезбедувањето на Тито. Тогаш работел во Службата за државна безбедност. Сите оние кои биле во близина на маршалот, од куварите до келнерите и кројачите, никогаш не биле случајно избрани.
Ањоли вели дека биле проверувани по речиси иљада пати. Таква процедура минал и тој, а можеби олеснителна околност му била тоа што своевремено бил најмладиот секретар на Сојузот на комунистите на Југославија, кога имал само 19 години.
За Тито вели дека е голем човек. Во контактот со луѓето, воопшто не бил препотентен.
– Имаше осумдесет години, а секое утро сам се бричеше – вели тој.
Додава дека случајно дознал дека Тито во новчаникот воопшто немал пари. Еднаш кога маршалот тргнал кон местото Ливно, сфатил дека го заборавил новчаникот. Тоа било единствената причина едно возило да се издвои од колоната и да се врати кон резиденцијата. Човекот кој бил испратен да го земе паричникот бил љубопитен и погледнал во него.
– Во порачникот имало само партиска книшка, лична карта и уште некој личен документ – вели Ањоли.