Без знаци на живот од надојдените води на река Лепенец вчера се извлечени телата на трите патници во автомобилот „БМВ“ со косовски таблички, членови на исто семејство: таткото Н.П., мајката М.П. и нивниот 16-годишен син. Се удавиле откако нивната кола вчера попладне во сообраќајна несреќа предизвикана од друго возило кое претекнувало, излета во надојдената матна река.
Од страотната несреќа спасен е само постариот син на брачната двојка, 21-годишниот Ш.П., кој е хоспитализиран во Болницата „8 Септември“ во Скопје.
Црното БМВ беше пронајдено на неполни 100 метри низводно од местото каде излетало. Нуркачите од полициската специјална „Тигар“ ги открија вчера околу 17:30 часот, по повеќе од 24 часа потрага. Откако се обезбеди пристап за противпожарното возило, со сајла и пополека се извлекуваше автомобилот.
За половина час беше извлечен автомобилот, а од МВР пристигна потврда дека трите членови на семејството Пацоли од Косово се најдени починати. Косовското семејство возело во колона автомобили, но имале судар со „Фолксваген туран“ со скопски таблички, кој според обвинителството ја претекнувал целата колона.
-Во моментот кога (скопскиот туран) стигнал паралелно до автомобил БМВ со косовски регистарски таблички, кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, велат од Обвинителство.
Туранот е со скопски таблички и е на Б.Б. за кого Обви нителството соопшти дека побарало краткотраен притвор од 48 часа, поради тоа што постоела опасност да побегне.
Телата на починатите се на обдукција.