Советникот на премиерот за организирање на медиумски настани, Елена Митева, преку смс порака ja навредила новинарката која пишува за нејзиниот ангажман во Владата, но и приватните тезги во маркетинг агенција.
За анализата на Маја Јовановска од ИРЛ за вчерашниот текст во којшто тема на анализа е деловната етика на Митева, поранешната водителка на Утринска на Телма вели дека е приказна која не држи вода.
-Срамота. Се извадено од контекст. Ама важно имате приказна која нема никакви аргументи и не држи вода. Ептен сте истражувачки новинари. Секоја чест, – гласи пораката на Елена Митева до авторот на текстот Маја Јовановска.
И поранешниот сопруг на Митева, актерот и поранешен директор на Гостиварскиот театар Висар Вишка, посвети Фејсбук статус на текстот, во кој пишува дека текстот е плод на „скриената омраза на некоја жена кон друга жена само заради тоа што е жена”, „обид да се спречи една самохрана мајка да заработи парче леб од друга жена која што не знае како е да си самохрана мајка” и сл.
“Страшно е кога жени, кои треба да се солидарни меѓу себе, обвинуваат други жени кои работат чесно и макотрпно се борат во едно мизогено општество.
Жени кои не разбираат што значи да си и самохрана мајка покрај тоа.
Додека мажите можат да работат по две три работи за да створат, да имаат и свои бизниси покрај своите функции, жена не смее да работи и заработува хонорарно и чесно со своите квалитети, работи кои воопшто ниту етички ниту морално ниту законски не се коси со “дневната” работна професија.
Покрај толку криминал и злоупотреба на моќ, удирате таму каде што личните чувства ве водат, “ напиша меѓудругото Вишка.
извор: Република.мк