Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков во вторник излегува од притвор, јавува ТВ21 повикувајќи се на неофицијални информации од добро упатени извори.
Според Телевизијата, Мијалков ќе добие поблага мерка – куќен притвор.
Адвокатите на Мијалков тврдат дека со барањето за ослободување е поднесена гаранција во недвижности со вредност од над 7 милиони евра. Кауцијата ќе биде запленета од државата доколку Мијалков избега.
Мијалков од февруари е во истражниот затвор Скопје откако претходно мистериозно исчезна, па се појави пред Обвинителството за да го подигне решението за притвор.
Претходно, по информации на обвинителката Вилма Рускоска за можно бегство на Мијалков – судот определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса.
Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.